Bozik 2014

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИК, ВО SYRACUSE, NEW YORK

ВИ СЕ РОДИ СПАСИТЕЛ

Свети Тихон Задонски, значењето на следниве стихови од Светото Писмо: „... зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител...“ (Лк. 2, 11), ги доживеал многу личносно и затоа на едно место, вака запишал:

„Чуј, душо моја: Бог дојде кај нас; нашиот Господ не посети; поради мене Тој се роди од Дева Марија, Тој, Кој е роден од Отца пред сите векови; поради мене, Тој беше повиен во пелени, Тој, Кој ги покрива небесата со облаци и се облекува во светла облека; поради мене, Тој беше положен понизно во јасли, Тој, чиј трон се небесата и чии нозе се потпираат на земјата; поради мене Тој се хранеше со мајчино млеко, Тој, Кој ги храни сите созданија; поради мене, Тој беше држен во мајчини прегратки, Тој, Кој е носен од херувими и ги држи сите творенија во Своите прегратки.“

Радосната вест за воплотувањето на Спасителот ни се објави и нам, во нашата црква „Свети Ѓорѓи“ од Сираќуз, па така, празникот на Рождеството Христово Христово беше прославен радосно и достоинствено.

Нашите најмлади, кои и најмногу Му се радуваат на Детето Христос, ни приредија убава престава, откако на почетокот го испејаа тропарот на празникот, а потоа неколку божиќни песни на македонски и англиски, по што заслужено ги примија своите божикни подароци.

Божик е празник на љубовта, мирот и радоста. Сите тие дарови, Воплотениот Син Божји изобилно ни ги изли на празникот на Неговото Рождество, а тие, пак, нека ни бидат поткрепа во верата, надежда и љубовта во текот на Новото Лето Господово и постојано.

Нека ни е честит и за многу години Божик. Христос се роди!

Подготвил, протоереј-ставрофор Бранко Постоловски